Наставна дејност
Vita brevis, ars longa.
Животот е кус, науката е долга.
Наставната дејност на Катедрата опфаќа додипломска настава за студентите од повеќе насоки при факултетите во склоп на УКИМ, Скопје, вклучувајќи ги студентите на општа медицина на Медицинскиот факултет по предметите патологија 1 и патологија 2, за студентите по дентална медицина на Стоматолошкиот факултет по предметите општа патологија и патолошки основи на болестите, за студентите на Фармацевтскиот факултет по предметот општа патологија, за студентите на тригодишните студии на Медицинскиот факултет вклучувајќи стручни медицински сестри, радиолошки технолози, физиотерапевти и логопеди по предметот општа патологија и инженери по медицинско лабораториска дијагностика по предметите патологија и клиничка цитологија.
На Катедрата се изведува и специјалистичка и супспецијалистичка едукација по патологија, како и специјалистички турнуси во склоп на хируршки и интернистички специјализации.
Теоретската наставатва за дипломските студии се изведува во четирите амфитеатри на Факултетот, а практичната настава во просториите на Институтот за патологија во современо опремена вежбална за патохистологија со 20 микроскопски работни места и збирки на микроскопски препарати, збирки на дијапозитиви, микроскопски монитор и видеопроектор; во две сали за аутопсија и една сала за макроскопска дисекција на биоптичен и оперативен материјал.
Постдипломската и специјлистичката едукација се изведуваат по принцип на менторство и турнуси по 15 специјализирани подрачја на патологијата, во лабораториите на Институтот за патологија и во Лабораторијата за хистопатологија и цитологија на Институтот за радиотерапија и онкологија.
Членовите на Катедрата ги имаат издадено следниве учебници и скрипти:
Практикум за патохистолошки вежби за студентите по медицина и стоматологија;
Скрипта по општа патологија;
Скрипта по специјална патологија за студентите по медицина и стоматологија;
Скрипта по општа патологија за студентите по фармација;
Авторизирани предавања од патологија 1 и 2;
Превод на Основи на Патологијата, 8. издание од Робинс;
Денес наставата на Катедрата по патологија ја изведуваат 2 редовни професори, 2 вонредни професори, 1 доцент и 9 асистенти. Развојот на специјалистичкиот и наставниот кадар на Катедрата, нивната супспецијализирана едукација и усовршување во врвните референтни центри во Европа и Америка, формирањето на современи лаборатории и дијагностички методи, како и соработката со сродните институции во светот, придонесе за развој на научноистражувачката дејност преточена во научни проекти, докторски дисертации, магистерски и специјалистички трудови и публикувани научни и стручни трудови.